Во девет региони во Грција е прогласено црвено ниво на аларм, кое ќе биде на сила до 29 октомври поради прогнозите за обилни дождови и силни бури. Државните служби и персоналот за цивилна заштита се ставени во висока оперативна готовност.
Одлуката за прогласување на највисокото ниво на аларм ја донесе Генералниот секретаријат за цивилна заштита, врз основа на прогнозата на Националната метеоролошка служба и проценката на Комитетот за проценка на ризик, објави ЕРТ. Предупредувањето ги опфаќа регионалните единици Евија, Фтиотида и Беотија во Централна Грција, Споради, Магнезија и Лариса во Тесалија, Атика, Додеканеските острови во Јужен Егеј и Северен Егеј.
Црвениот аларм за Атика и Северен Егеј е издаден како мерка на претпазливост, земајќи ги предвид врнежите што веќе се регистрирани во тие области.
Според Комитетот за проценка на ризик, денес се очекуваат дожд и локални бури во источните и јужните делови на земјата, особено во Евија, Магнезија и Северните Споради. Понатамошно влошување на времето се предвидува за утре, со обилни врнежи од дожд и бури во источна Тесалија, Северните Споради и источниот дел од Централна Грција, особено во Фтиотида и Беотија, како и во Евија и Скирос.
На состанокот на Координативното тело за цивилна заштита што се одржа во понеделник, министерот за климатски кризи и цивилна заштита Евангелос Турнас ја истакна важноста на навремената подготовка од страна на сите надлежни служби. Противпожарната служба активираше оперативен план за справување со поплави и поврзани феномени, а нејзините единици во погодените подрачја се во зголемена готовност.
Зголемена е подготвеноста и кај вооружените сили, полицијата, крајбрежната стража и другите надлежни служби. Регионалните и локалните власти се повикани да проверат дали се подготвени да реагираат во случај на вонредна состојба. Црвениот аларм значи целосна мобилизација на Националниот механизам за цивилна заштита, распоредување на потребниот персонал и обезбедување опрема со цел да се реагира во вонредни околности и да се намалат последиците од катастрофата.
Цивилната заштита издаде и низа препораки до граѓаните. Им се препорачува да обезбедат предмети што би можеле да бидат поместени или однесени од силни ветрови, да ги проверат олуците и одводите, а не да преминуваат преку потоци и реки за време или неколку часа по завршувањето на дождот.
Исто така, се препорачува да се избегнуваат активности на отворено, особено во крајбрежните области за време на бури, и да се држат подалеку од дрвја, висечки сообраќајни знаци и балкони. Во случај на грмотевици, граѓаните треба да побараат засолниште во зграда или автомобил, да избегнуваат допирање на електрични апарати и метални предмети и да се држат подалеку од реки, езера, море и далноводи. На возачите им се препорачува да застанат на безбедно место и да не се обидуваат да преминуваат патишта покриени со вода.

