Државниот секретар во Министерството за финансии, Андриана Матлиоска, од 5 до 7 јуни учествуваше на Годишното собрание и бизнис-форум на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што се одржа во Рига, Латвија. Годинашниот настан беше посветен на темата „Од нестабилни до разновидни економии кои иновираат во свет што се менува“, а на него учествуваа владини претставници, финансиски и корпоративни директори, акционери, партнери и клиенти на банката, како и претставници од бизнис и граѓанскиот сектор.

Како што соопшти Министерството за финансии, Матлиоска за време на престојот во Рига остварила повеќе билатерални средби со претставници на ЕБОР, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Зелениот климатски фонд, како и со претставници на Министерството за надворешни работи на Холандија и ЕБОР конституенцата предводена од Холандија.

На средбата со директорката за инфраструктура за Европа во ЕБОР, Елена Гордеева, била истакната посветеноста на земјата за унапредување на инфраструктурата, при што Европската банка за обнова и развој е значаен партнер во реализацијата на проекти. Според податоците, ЕБОР досега има инвестирано во 213 проекти во вредност од 3,13 милијарди евра, додека во моментот се спроведуваат проекти во вредност од околу 1,3 милијарди евра.

Матлиоска изразила благодарност за досегашната поддршка од ЕБОР и ја нагласила посветеноста на Владата на реализација на капиталните инвестиции.

Таа посочила дека капиталните расходи претставуваат клучен инструмент на фискалната политика и двигател на економскиот раст во периодот 2027–2031 година, со цел обезбедување долгорочни придобивки преку зголемени јавни инвестиции во патна и железничка инфраструктура, енергетика, системи за водоснабдување и канализација, дигитална инфраструктура, како и проекти во образованието и социјалната заштита.

На одделни средби било нагласено и значењето на соработката со Европската инвестициска банка, која досега има обезбедено поддршка во износ од околу 1,6 милијарди евра за различни проекти во земјата.

Матлиоска изразила благодарност за досегашната поддршка од ЕИБ во областа на енергетската и железничката инфраструктура и општинските водоводни системи, како и за подготвеноста за продолжување на соработката, особено во поддршка на приватниот сектор и малите и средни претпријатија преку Развојната банка.

Exit mobile version