Во притвор заврши маж кој во живо на „Фејсбук“ и’ се заканувал на јавна обвинителка од Прилеп
Судот определи 8-дневен притвор за маж кој преку социјалните мрежи упатувал закани кон обвинителка и нејзиното семејство.
Од Обвинителството поведоа постапка против лицето кое се сомничи за делата Полово вознемирување, Загрозување на сигурноста и Демнење.
„Во текот на ноември, осомничениот на својот Фејсбук профил во повеќе наврати поставувал текстуални објави и вклучувања во живо со кои се заканувал дека ќе нападне врз животот на основната јавна обвинителка на ОЈО Прилеп и членови на нејзиното најблиско семејство. Намерата му била да ја вознемири и да ја исплаши, а врз основа на пол, личен, семеен и општествен статус на оштетената како Јавен обвинител“, велат од Обвинителството.
Во објавите, осомничениот неовластено користел приватни и семејни фотографии на оштетената. Преку социјалните мрежи тој директно праќал пораки со вознемирувачка содржина до ќерката на јавната обвинителка, предизвикувајќи кај неа непријатност, навреденост и страв.
Осомничениот е претходно осудувано лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста, а против него во последниот период се поднесени и повеќе други кривични пријави, што укажува на опасноста тој да повторува вакви кривични дела, велат од Обвинителството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа