Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение упати остри критики за состојбата во правосудството за време на мандатот на претходната власт на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги за директно мешање, уцени и монтирање на политички случаи. Партијата ги посочува тогашните правосудни органи како „Русковска обвинителство“ и „Кацарска судство“, кои според нив, суделе по наредба на Зоран Заев и Али Ахмети.

Како крунски доказ за овие тврдења, партијата го посочува неодамнешното интервју на поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски. Според наводите во соопштението, Катевеновски сведочел дека бил разрешен од функцијата откако одбил да даде позитивно мислење за предмет од поранешното СЈО поврзан со екс-министерката Гордана Јанкулоска.

Катевеновски појаснил дека во 2019 година го добил случајот, но оценил дека не постоела никаква правна можност ниту основа за кривично дело за да постапи поинаку. Одлуката за негово разрешување, според партијата, следела непосредно по ова негово одбивање да биде послушник.

„Овие тврдења сериозно ја доведуваат во прашање независноста на судството. Судиите и обвинителите послушници на Заев и Ахмети се виновни за довербата во судството од само 2 проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата заклучува дека се неопходни суштински реформи во правосудството и дека одговорност за злоупотребите мора да има.

Exit mobile version