Основното јавно обвинителство во Струга побара итни мерки на претпазливост против две правни лица од струшкото село Велешта, кои се сомничат дека го предизвикале енормно загадување на водата за пиење во градот.

Според официјалното соопштение, истражните органи при увид на терен затекнале работни машини на овие две компании како вршат кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем. Овие активности се одвивале во непосредна близина на извориштето во селото Шум, од каде што подрачјето на Струга се снабдува со вода.

Поради основани сомневања за сторени кривични дела – „Незаконита експлоатација на минерални суровини“ (член 225-а) и „Загадување на водата за пиење“ (член 219), надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка веднаш доставил предлог за санкции. Се бара целосна забрана за правните лица да ги посетуваат парцелите и забрана да преземаат какви било работни активности на тоа подрачје.

Од ОЈО Струга нагласуваат дека продолжуваат со преземање дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуалната кривична одговорност.

Exit mobile version