Општина Старо Нагоричане бележи конкретни резултати во инфраструктурата, комуналните услуги и поддршката за граѓаните, а посебен акцент се става на финансиската стабилност и реализацијата на локалните проекти, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека за помалку од една година се реконструирани повеќе локални патишта во Стрновац и Младо Нагоричане, додека се обезбедени средства и склучени договори за нови реконструкции во Старо Нагоричане и Добрача. Дополнително, со општински средства се врши тампонирање и санација на локалната патна мрежа.
Меѓу реализираните проекти е реконструкцијата на патот во Младо Нагоричане, од месноста Ветеринарна станица до основното училиште „Христијан Карпош“, во должина од 627 метри. Вредноста на инвестицијата изнесува 9.291.471 денар.
Завршена е и реконструкцијата на патот во маалото Пиленац, во должина од околу 564 метри, за што се инвестирани 3.958.534 денари. Средствата се обезбедени преку првиот повик од унгарскиот кредит.
Според ВМРО-ДПМНЕ, вложувања се реализираат и во уличното осветлување, водоснабдувањето, противпожарната заштита и опремувањето на Јавното комунално претпријатие „Козјак“. Од партијата нагласуваат дека се обезбедени средства за подобрување на комуналните услуги и дека општината редовно ги исполнува финансиските обврски.
Во фокусот се и младите и семејствата. Општината обезбедува финансиска поддршка за новороденчиња, првачиња и студенти, бесплатна екскурзија за учениците од деветто одделение, како и инвестиции во образовните установи.
Како еден од најзначајните резултати, од ВМРО-ДПМНЕ ја издвојуваат финансиската состојба на општината, тврдејќи дека таа нема доспеани неплатени обврски и нема долгови.
Од партијата порачуваат дека активностите продолжуваат со цел подобрување на инфраструктурата, комуналните услуги и условите за живот на жителите на Старо Нагоричане.


