ВМРО-ДПМНЕ се уште мери - кој ќе биде кандидатот за скопски градоначалник

 

Стартот на пролетта се очекува да го донесе и стартот на подготовките за локалните избори кои не очекуваат на средина од есента оваа година. Тогаш се очекува да се интензивираат внатрепартиските трки за номинациите, особено во оние општини каде што се очекува промени во градоначалничките фотелји.
Очекувано, најинтересно ќе биде во Скопје каде што е извесно дека ќе има промени на оваа позиција. Во услови во кои актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ на анкетите има значителна предност, извесно е дека предлогот кој ќе дојде од оваа партија ќе биде идниот скопски градоначалник.
Во такви услови не изненадува фактот што во владејачката партија тројца кандидати го посакуваат ова столче па како што стојат работите изборот ќе мора да биде направен во партиските тела.
Како што јави Телма  викендов, лидерот Мицкоски и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ имаат право да предложат и свои имиња како кандидати за градоначалници, надвор од оние кои ќе дојдат како предлози од општинските комитети.
Телма пишува дека во ВМРО-ДПМНЕ 
преовладува мислењето дека фаворит на Мицкоски за градоначалник на град Скопје е актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински кој и не ги крие своите амбиции за оваа позиција за која во игра е и градоначалникот на Кисела Вода Орце Георгиевски кој има солидни бројки на анкетите како и неговиот колега од Гази Баба Бобан Стефковски.
Од коалицијата Вреди веќе излегоа со став дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе си дадат меѓусебна  поддршка во трката за градоначалник додека на советничките избори ќе одат со посебни листи.
Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври.

 

03.02.2025 - 10:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега