Охрид продолжува со реализација на капитални проекти насочени кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот во градот, се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Во тек е изградбата на катна гаража во централното градско подрачје, а се реализира и проектот за изградба на пречистителна станица во Трпејца, со која се очекува да се придонесе за заштита на Охридското Езеро.
Во изминатиот период, според партијата, реализирани се повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои реконструкција и асфалтирање на улици и патишта, унапредување на водоводната и канализациската мрежа, како и модернизација на пумпната станица „Метропол“.
Како значаен проект се издвојува и реконструкцијата и уредувањето на плоштадот „Чинар“, со што е изменет изгледот и функционалноста на просторот во старата градска чаршија. Уреден е и „Холандскиот парк“, каде е извршено партерно и хортикултурно уредување.
Инвестиции се реализираат и во образованието и младинската инфраструктура. Изградена е нова спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“, во тек е реконструкцијата на гимназијата „Св. Климент Охридски“, а избрано е и идејното решение за нов Младински културен центар.
Во соопштението се посочуваат и активностите во областа на спортот, културата и туризмот. Како пример е наведена успешната сезона на ГРК Охрид и освојувањето на ЕХФ Европскиот куп.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека со реализацијата на проектите и континуираните инвестиции локалната самоуправа продолжува со активности насочени кон развој на Охрид.


