Македонија до 2030 година да стане земја на стабилност и институционална зрелост, со идентитет што се почитува, е главната цел на стратешкиот документ усвоен на неодамнешниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ се заснова на идејата за напуштање на краткорочните одлуки и градење на силни институции. Стратегијата дефинира шест приоритетни области: државна безбедност, економска конкурентност, правна држава, демографски политики, европска интеграција и образование/култура.
Во делот на владеењето на правото, документот предвидува департизирана администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализација. За младите се најавуваат станбени програми, а за образованието – дигитални кампуси и поддршка за науката.
Партијата најавува и државен инвестициски инструмент наречен „Фонд за иднината“ кој ќе поддржува технологии и истражување.
„Оваа Стратегија е ново поглавје на стабилност, развој и државничко водство во која е содржана визијата за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефинирани политики и развоен правец. Македонија знае, може и мора многу повеќе“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

