Македонија е држава која се вбројува меѓу земјите кои издвојуваат значителни средства за правосудството и кои на судиите и обвинителите, согласно закон, им обезбедила високи примања, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секоја година од државниот буџет за македонското судството се одвојуваат дури 0,39% од БДП.
Со овој процент ние одвојуваме повеќе дури и од далеку помоќните економски европски држави како Франција која за судството одвојува 0,20%, Германија 0,30%, Грција 0,26% од БДП. Нашиот сосед Албанија издвојува 0,29% од БДП, Молдавија 0,35% и Грузија 0,23%.
Овие податоци покажуваат дека иако Македонија е мала држава и по територија и население, сепак за правосудството издвојува значителни средства од државниот буџет. Ова значи дека нашата држава во правосудството вложува најмногу од сите погоре набројани држави, а добива најмалку.
Согласно вложувањата и обезбедените финансиски средства ние требаше да имаме најнезависно и најефикасно правосудство, но наместо тоа граѓаните гледаат бавни постапки, нерешени предмети, одложувања без основ, политички влијанија и недоверба. Судниците се претвораат во места каде што правдата се чека, но истата ретко се добива, а понекогаш, таа воопшто не ни стигнува.
И во вакви околности кога Македонија процентуално од БДП издвојува најмногу средства за правосудството во регионот и Европа, а судиите земаат и до три просечни плати, некои и повеќе, а резултатите од нивната работа се минимални, сепак бараат уште.
Нема ниту резултати, нема ниту правда, ниту квалитет, ниту реформи, а плаќаме најмногу и добиваме најмалку. Наместо фокусот да им е само за повисоки плати, нека се зафатат за работа и нека покажат резултати од работењето за да ги оправдаат и сегашните највисоки во регионот.
Правосудството е зрело за реформи и тие мора и ќе се случат“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

