Во Собранието денеска ќе се одржи дебата за предложените измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, со цел да се разгледаат можностите за унапредување на неговата независност, финансиска самостојност и надлежности.

Настанот го организира Канцеларијата на народниот правобранител, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.

На отворањето ќе се обратат претседателот на Собранието, Африм Гаши, народниот правобранител Фатон Сељами, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, и постојаната координаторка на ОН во земјава, Рита Колумбија.

Во рамки на тематската сесија ќе бидат разгледани клучните предлог-измени на законот, со акцент на финансиската и функционалната независност на институцијата, плурализмот и проширувањето на нејзините надлежности.

На дискусијата ќе учествуваат Фатон Сељами, експертката за финансиско управување и буџетско планирање Тања Левајковиќ, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска, претставничка на Институтот за човекови права, Јелена Кадриќ, како и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

По завршувањето на дебатата, народниот правобранител ќе ги презентира заклучоците од дискусијата и ќе ги соопшти следните чекори во процесот за изменување на законската рамка.

Exit mobile version