Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализира конкретни мерки за модернизација и унапредување на здравствениот систем, со цел поквалитетна и подостапна здравствена заштита за сите граѓани, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека здравството добива рекордна финансиска поддршка од над една милијарда евра, средства кои, како што велат, се насочени кон медицински кадар, здравствени услуги, инфраструктура и медицинска опрема.

„Особено значајна е одлуката за вработување на уште 300 приватни специјализанти до крајот на 2026 година. Тоа значи повеќе специјалисти во јавните здравствени установи, посигурна професионална иднина за младите лекари и подобра здравствена услуга за граѓаните“, наведуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ го истакнуваат и зголемувањето на капитацискиот бод за матичните лекари по општа медицина и гинекологија, од 75 на 100 денари, како и зголемувањето кај матичните стоматолози од 61 на 75 денари.

„Со тоа директно се зајакнува примарната здравствена заштита, се подобруваат условите за работа на матичните лекари и се создава простор за отворање нови ординации“, се наведува во соопштението.

Од партијата информираат и дека позитивната листа на лекови е проширена со девет нови генерички лекови за кардиоваскуларни заболувања, депресија и деменција, како и со три антикоагулантни лекови – Еноксапарин, Надропарин и Ривароксабан.

„Тоа значи поширок избор на терапии за пациентите и намалување на финансискиот товар, бидејќи лековите се обезбедуваат на товар на ФЗО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека ќе продолжат со, како што наведуваат, кадровско и финансиско зајакнување на здравството.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ вложува во лекарите, во примарната здравствена заштита и во достапноста на терапијата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ гради здравство кое е посилно, помодерно и подостапно за секој граѓанин“, стои во соопштението.

Exit mobile version