Случајот со Славјанка Петровска, кој Венко Филипче јавно го отвори откако таа стана дел од Платформата „12.05“ и почна да бара промени во СДСМ, според ВМРО-ДПМНЕ е пример за двојни стандарди на лидерот на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека Платформата „12.05“ јавно побарала Филипче да се повлече од лидерската позиција, по што тој директно ја прозвал Петровска во врска со наводите за набавката на хеликоптери и договор за кој, според неговите тврдења, постоела разлика од 37 милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто Филипче, доколку со години располагал со информации за случајот, не ги доставил до надлежните институции и зошто токму сега ги обелоденува.
„Ако Филипче навистина располагал со информации за наводниот случај од 37 милиони евра, тогаш зошто досега молчел?“, прашуваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, случајот отвора прашања за односот на Филипче кон принципите за кои јавно се залага, како владеењето на правото, транспарентноста и борбата против корупцијата.
Од партијата додаваат дека европските стандарди подразбираат одговорност и нулта толеранција кон корупцијата, без разлика дали сомнежите се однесуваат на политички противници или на лица од сопствените редови.
ВМРО-ДПМНЕ бара од Филипче да одговори зошто, доколку имал сознанија за случајот, не ги пријавил порано и зошто тие информации се обелоденети токму во момент кога Петровска стана негов политички критичар.

