Владејачката партија преку официјално соопштение упати остри критики до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по неговата денешна прес-конференција на која најави формирање на нов политички фронт. Од партијата сметаат дека зад овој чекор стојат лични и теснопартиски интереси на луѓе поставени од претходното раководство.
Во соопштението директно се повикува актуелниот лидер на опозицијата на соочување со одговорноста од минатото.
„Венко Филипче на прес-конференција објави некаков си фронт и го нарекол „за вистина и правда“. А, во таканаречениот фронт учесници се единствено, самиот Филипче и неговите партиски другари, исто како него лојалисти на Зоран Заев, поставени во партиското раководство на СДС токму од Заев… Ако навистина Филипче е загрижен за државата и граѓаните како што глуми на прес конференциите, не мора да чека некој да го донесе на власт, зошто граѓаните секако нема го гласаат на избори, нека ги повика поранешните владини функционери од СДС кои ја опљачкаа државата и ги осиромашија граѓаните, на чело со Зоран Заев, да ги вратат украдени пари и да се предадат на органите на прогонот.“
Дополнително, во реакцијата се отвораат прашања за неколку конкретни случаи и афери поврзани со претходната власт, како и за актуелните состојби во правосудниот систем.
„Може Филипче и тој да биде пример за останатите и нека биде прв кој тоа ќе го направи за да се истражи целата негова инволвираност во набавките на модуларните болници, каде тој лично ја правел тендерската спецификација и потпишувал анекси за зголемување на цената за 20%… Исто така, Филипче… не мора да го чека европското обвинителство, прво нека ги повика штетниците во обвинителството како Ислам Абази и Катерина Коларевиќ да ја ослободат институцијата… по стопирањето на постапката за случајот „Мазут“ за сторен криминал тежок 167 милиони евра.“
Партиската реакција завршува со коментар за неодамнешните ставови на Филипче околу победата на Бугарија на Евровизија.
„Џабе му е еуфоријата на Венко Филипче за победата на Бугарија на Евровизија и слугувањето на бугарските интереси како послушен пиун на Румен Радев, тоа не му носи политички поени кај македонските граѓани. Затоа што граѓаните дополнително ја гледаат поданоста и измеќарството на туѓите агенди, наспроти и на штета на македонските национални интереси.“


