ВМРО-ДПМНЕ: Аматеризмот на Заев ја води Македонија кон извисување пред вратите на ЕУ

Зоран Заев и неговата влада продолжуваат да ја понижуваат Република Македонија, велат во реакција ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираат на соопштението на СДСМ и велат дека аматеризмот на Заев ја води Македонија кон извисување пред вратите на ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ вчера јавно ги искажаа ставовите:

1. Коалицијата цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба, и остро се спротивставува на промените на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба!

2. За коалицијата - македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.

3. Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Воедно го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од овој суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.

4. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава.

5. Коалицијата енергично потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, и има свој посебен историски, правен политички и културолошки развој. Кон овој став едногласно се придружуваат и припадниците на партиите од коалицијата кои што ги преставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.

 

ВМРО-ДПМНЕ јавно ја предупредува владата на Заев да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна македонска држава, а кои се создавани од генерации“ реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.11.2020 - 09:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега