Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија која треба да ги истражи големите трагедии во земјава, оценувајќи дека е време да заврши праксата граѓаните да останат без одговори и да бидат манипулирани.

Од коалицијата посочуваат дека нивниот став останува непроменет – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви.

Според најавите, новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани.

Целта е преку целосен пристап да се откријат институционалните пропусти што чинеле човечки животи.

„Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните“, велат од партијата.

Exit mobile version