Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Тирк, денеска на итна седница на Советот на ОН за човекови права во Женева упати остар апел до иранските власти да ја прекинат репресијата врз учесниците во антивладините протести.

Обраќајќи се пред Советот, Тирк изјави дека илјадници луѓе, меѓу кои и деца, биле убиени во, како што ја опиша, „бруталната репресија“ спроведена од иранските власти врз демонстрантите. „Ги повикувам иранските власти да ја преиспитаат својата одлука, да се повлечат и да ја запрат бруталната репресија“, рече Тирк.

Тој оцени дека постапките на безбедносните сили претставуваат „образец на потчинување и прекумерна употреба на сила, кој никогаш не може да ги реши незадоволството и фрустрациите на луѓето“.

Според податоци на активисти, бројот на жртви во насилното задушување на протестите низ Иран достигнал најмалку 5.002 убиени. Тие предупредуваат дека реалниот број на загинати може да биде и значително поголем, особено поради речиси целосниот прекин на интернетот во земјата, кој трае повеќе од две недели и ја отежнува проверката на информациите.

Организацијата „Активисти за човекови права“ соопшти дека меѓу загинатите има 4.716 демонстранти, 203 лица поврзани со владата, 43 деца и 40 цивили кои не учествувале во протестите. Истата организација наведува дека повеќе од 26.800 луѓе биле приведени во рамки на масовна кампања на апсења.

Иранските власти на 8 јануари речиси целосно го прекинаа пристапот до интернет и меѓународните комуникации, што дополнително ја усложнува состојбата и ја ограничува транспарентноста околу настаните во земјата.

Во средата, иранската влада соопшти дека во немирите загинале 3.117 лица, наведувајќи дека меѓу нив има цивили, припадници на безбедносните сили и, како што тврди, „терористи“.

Паралелно со внатрешната криза во Иран, растат и меѓународните тензии. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската морнарица се приближува кон Иран, споредувајќи го распоредувањето на силите со „армада“. Според официјални претставници на американската морнарица, САД го пренасочиле носачот на авиони УСС „Абрахам Линколн“ и придружните воени бродови кон Блискиот Исток, каде што моментално се наоѓаат во Индискиот Океан.

Трамп изјави дека американските бродови се преместуваат „за секој случај“ и упати закани кон Техеран со силна воена акција доколку ситуацијата дополнително ескалира, наведувајќи дека таквата интервенција би ги направила претходните американски напади „безначајни“.

Exit mobile version