Вишиот управен суд донел пресуда со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица во Општина Босилово, со онаа во Општина Босилово и Општина Ново Село.

За одлуката на судот денеска на владина седница информирало Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

-Станува збор за конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува, соопшти прес-службата на Владата.

Владата во соопштението посочува дека „ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови“.

Властите потенцираат дека се свесни за реакцијата на јавноста и на локалното население, но ветуваат дека здравјето на луѓето нема да биде загрозено.

-Денешната состојба е резултат на завршување на таа постапка со конечна пресуда на Вишиот управен суд. Свесни сме дека кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации постојат оправдани прашања и загрижености поврзани со овој проект. Токму затоа Владата ќе продолжи целосно транспарентно да ги разгледува сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури и институционалните надлежности. Наш приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи, наведува владината прес-служба.

Секое понатамошно постапување во однос на овој предмет, како што се додава, ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор.

-Владата ќе продолжи одговорно, транспарентно и во согласност со законите да носи одлуки кои ги штитат интересите на граѓаните, обезбедуваат правна сигурност и создаваат услови за одржлив развој на државата, информира владината прес-служба.

Exit mobile version