Градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази длабеко сочувство по повод ненадејната смрт на градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски.

Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи порача дека Илиевски бил негов драг пријател и голем човек чие заминување остава огромна празнина.

„Со огромна тага ја примив веста за ненадејната смрт на мојот драг пријател, колега и пред сѐ голем човек, Јовица Илиевски. Јоцо, сите сме во шок и неверување. Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас, но уште потешко е да се најдат зборови за човек како тебе“, напиша тој.

Во својата објава, Ѓорѓиевски ја нагласи хуманоста и добрината кои го одликуваа неговиот колега.

„Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе. Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој упати зборови на поддршка до семејството и посочи дека Брвеница секогаш ќе се гордее со неговото дело.

„Упатувам длабоко сочувство до твоето неутешно семејство, до пријателите, колегите и до сите луѓе кои денес чувствуваат голема празнина поради твоето заминување. Брвеница е горда на тебе. Никогаш нема да бидеш заборавен. Вечна ти слава, другар“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

Exit mobile version