Снимката која пред неколку дена се прошири на социјалните мрежи, а на која се гледа како патничко моторно возило се движи по пешачка патека низ паркот „Жена Борец“ во строгиот центар на Скопје, доби полициска разрешница.
Министерството за внатрешни работи информираше дека возачот е идентификуван и санкциониран. Станува збор за скопјанката Л.Т., која на 16 март во 14:39 часот, управувајќи автомобил марка „Ауди“ со скопски регистарски ознаки, безобѕирно се движела низ паркот наменет исклучиво за пешаци.
По објавувањето на видеото кое предизвика револт кај граѓаните, полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје вчера (19 март) ја повикале Л.Т. во полициска станица каде бил извршен службен разговор.
Од МВР соопштија дека против скопјанката се поднесени соодветни поднесоци и таа ќе биде санкционирана согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

