ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение и прес-конференција на портпаролот Валентин Манасиевски упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за водење попустлива политика во однос на бугарските барања.
Од владејачката партија посочуваат дека уставните измени не се последната пречка за евроинтеграциите, туку само почеток на поширок процес кој ги засега македонскиот јазик, историја и идентитет.
„Само специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче слепо му верува на Румен Радев кога вели дека уставните измени се последната препрека за влез на Македонија во ЕУ“, изјави Манасиевски.
Според него, намерата на бугарските власти не е само внесување на Бугарите во Уставот, туку целосно редефинирање на историските факти. Како аргумент за ова, Манасиевски посочи видео обраќање на Румен Радев од 2019 година на конференција во Русија.
„Румен Радев во своето обраќање говори дека Гоце Делчев е Бугарин и дека писменоста дошла од Бугарија, а не од Македонија, додека од македонските власти во тоа време предводени од Зоран Заев и Венко Филипче немаше никаква осуда за конкретниот говор на Румен Радев“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека доколку опозицијата дојде на власт, би прифатила решенија со кои историските личности како Гоце Делчев, Јане Сандански, Питу Гули и Даме Груев би се третирале во бугарски контекст, а македонскиот јазик и идентитет би се ограничиле на периодот по 1945 година.
На крајот од обраќањето, Манасиевски порача дека ВМРО-ДПМНЕ, заедно со граѓаните, нема да дозволи распродажба на државните интереси и ќе продолжи со спроведување на, како што рече, достоинствена политика.


