Министерството за внатрешни работи ќе ја прекине соработката со српската компанија „Памитекс тим“, која беше задолжена за набавка на еднобојни униформи за специјалните полициски единици, најави министерот Панче Тошковски во интервју за „360 степени“.
Ваквата одлука следува по извршената соодветна суперанализа во странство, која дефинитивно потврдила дека доставените примероци од униформите не го исполнуваат бараниот квалитет што бил пропишан во официјалната тендерска документација.
Покрај раскинувањето на склучениот договор, од МВР најавуваат дека во наредниот период ќе биде активирана и банкарската гаранција од компанијата.
Министерот Тошковски во однос на процедурите и законските рокови за набавката ја даде следната изјава:
„Согласно она коешто го имам како информација, а тоа е следното: рокот за достава на квалитетниот материјал којшто требало да биде доставен во форма на униформи е испочитуван согласно оние пролонгирања на рокот коишто се дадени во рамки на закон и во рамки на договорот од страна на една од компаниите. И таа компанија достави униформа којашто била барана согласно правилник, стандард и квалитет“, изјави за „360 степени“ министерот Тошковски.


