По серијата закани за убиства упатени кон полициски службеници поради одземање возила кои се управувале без возачки дозволи, на социјалните мрежи се појави ново видео со извинување од еден од инволвираните. По засилените контроли на МВР во Скопје, кои резултираа со заплена на неколку луксузни автомобили, лицата кои претходно упатуваа остри закани, сега ја менуваат реториката.
Во најновото видео објавено на ТикТок, едно од лицата јавно се покајува за претходно изречените зборови упатени кон институциите. „Згрешив, нема да се повтори“, вели тој во краткото видео обраќање, обидувајќи се да ја смири ситуацијата по бурните реакции во јавноста. Ова доаѓа откако претходно истите лица снимаа видеа во кои директно се закануваа по животот на полицајците, револтирани што останале без своите возила.
Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека сообраќајните контроли се секојдневни и дека законот ќе се применува неселективно кон сите учесници во сообраќајот кои не ги почитуваат правилата.

