Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, го презентираше Извештајот на Европската комисија за напредок на Република Северна Македонија за 2025 година на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

На средбата беа поканети потпретседателите, координаторите на пратеничките групи, генералната секретарка на Собранието и Кабинетот на претседателот на Собранието.

Во извештајот се истакнува дека Северна Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува нејзината стратешка ориентација. Сепак, Европската комисија бара побрзи и поодлучни чекори за отворање на првиот кластер од преговорите, особено во областите на владеење на правото, реформата на јавната администрација и заштитата на малцинствата.

Документот укажува дека земјата треба значително да ги засили напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со акцент на независноста на судството и ефикасното гонење на случаи на високо ниво. Како клучен предизвик се посочува и фактот што сè уште не се преземени конкретни чекори за усвојување на уставните измени, вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот, согласно претходните обврски.

Европската комисија потсетува дека членството во Унијата претставува геостратешка инвестиција во стабилна и обединета Европа и нагласува дека процесот на проширување ќе остане строг, правичен и заснован на заслуги. Кандидатите за членство, се наведува, мора да спроведат длабоки и неповратни реформи и да изградат широк општествен консензус околу европските вредности.

Exit mobile version