Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски вечерва извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ кој треба да го реши хаосот кај „Тутунски“ и да ја донесе првата подземна сообраќајница во главниот град.

Преку објава на социјалните мрежи, придружена со фотографии од терен и од дрон, градоначалникот Ѓорѓиевски порача дека градежната офанзива нема да запира ниту во текот на ноќта, со цел да се избегне дневен сообраќаен колапс.

„Работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви. Оваа пракса на интензивна работа ќе продолжи сè до крајот на мојот мандат“, порача Ѓорѓиевски.

Тој објасни дека проектот, договорен уште во 2012 година, но е во застоја главно поради тоа што Арсовска не распишуваше тендери за „средување“ на влезовите во подземната сообраќајаница сега добива јасна временска рамка. Иако самиот тунел е веќе изграден, за да профункционира мора да се завршат пристапните улици.

„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен.“

Во врска со тековните градежни зафати кои се одвиваат во првата фаза, градоначалникот прецизираше кои сообраќајници се опфатени со реконструкцијата:

„Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти… Проектот ги опфаќа булеварот ‘Борис Трајковски’ (кај Рампа), улиците ‘11 Октомври’ и ‘Пролет’, како и крак од булеварот ‘Македонија’ до приклучокот на булеварот ‘Борис Трајковски’.“

На крајот, Ѓорѓиевски го нагласи крајниот капацитет на идната подземна траса и визијата за развојот на централното градско подрачје:

„Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Ова е ново поглавје во развојот на Скопје. Со современи инфраструктурни решенија кои досега не биле карактеристични за градот, правиме одлучен чекор кон модерен, функционален и вистински европски град.“

Exit mobile version