ВИДЕО: Млад пар во Иран осуден на 21 година затвор затоа што танцувале на улица

 

Судот во Иран осуди млад човек и неговата девојка на 10 и пол години затвор, откако објавија видео на социјалните мрежи како танцуваат во близина на плоштадот Азади во Техеран, објави вчера новинската агенција за човекови права.

Двојката која беше уапсена на 1 ноември минатата година во нивниот дом по објавувањето на видеото е осудена и на двегодишна забрана за користење интернет и напуштање на земјата, пишува Ал Арабија.

Астијаж Хагиги и Амир-Мохамед Ахмади, и двајцата се обвинети за „ширење корупција“, „собирање и договарање со намера да ја поткопаат националната безбедност“ и ангажирање во антирежимска пропаганда.

Пресудата ја донесе Револуционерниот суд во Техеран на чело со Аболкасем Салавати, судија познат по тоа што изрекува строги казни за поединци кои се сметаат за закана за Исламската Република, пренесува медиумот.

Активистите на агенцијата објавија дека на парот му било одбиено правното застапување во текот на судската постапка, повикувајќи се на извор близок до семејството на Хагиги. Иранските власти не го коментираа случајот, а пресудата, според написите, дојде во време кога властите се обидуваат да ги задушат повеќемесечните протести против режимот кои започнаа по смртта на Махса Амини на 16 септември.

Амини (22) почина набрзо откако беше уапсена од полицијата за морал во Техеран поради наводно непочитување на строгите правила на режимот за носење хиџаб. Владата се обиде насилно да ги задуши протестите, кои брзо прераснаа во повици за соборување на Исламската Република, што резултираше со смрт на стотици и апсење на илјадници луѓе.

 

31.01.2023 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега