Претседателот на општинската организација на СДСМ Карпош, Панче Милевски – Панта, денеска упати јавно барање за свикување вонредна седница на Советот на општината. Причина за ова, според СДСМ, е актуелната состојба во локалната самоуправа по наводното повлекување на градоначалникот Сотир Лукровски.
Од опозициската партија тврдат дека градоначалникот избегнува потпишување документи кои би можеле да доведат до кривична одговорност, а се поврзани со градежниот сектор и бизнис интереси.
„Градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува, затоа не сака да потпишува документи поврзани со бизнис интересите на Мицкоски и неговата група. Документи кои можат да значат лична кривична одговорност поврзана со сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање фирми“, изјави Милевски.
Според СДСМ, Карпош во моментов се соочува со институционален хаос, а граѓаните се загрижени за основните функции на општината, вклучително и исплатата на платите за вработените.
„Дали вработените треба да стравуваат за својата егзистенција поради неспособноста, неработењето и хаосот што го создаде локалното раководство?“, прашуваат од партијата.
Како единствено излезно решение од новонастанатата ситуација, СДСМ предлага оставка и нови избори.
„Доколку градоначалникот не е подготвен или не е способен да ја води општината, тогаш единствено чесно решение е оставка и распишување вонредни локални избори“, заклучи Милевски.


