Највисоката цена за станбен квадрат во првиот квартал од годинава е постигната во општина Кисела Вода, каде стан од 45 метри квадратни е продаден за 177.667 денари по метар квадратен, односно околу 2.888 евра. Ова го покажуваат најновите податоци од Извештајот на Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности за периодот јануари-март 2026 година.

И покрај високите поединечни цени, извештајот нотира значително намалување на активноста на пазарот. Бројот на продадени станови е намален за 27 проценти во споредба со претходниот квартал, а вкупната финансиска вредност на пазарот на недвижности изнесува 276,3 милиони евра, што е пад од 12,4%.

„Регистрирани се вкупно 7.757 трансакции (збир од купопродажби и закупи) и споредбено со четвртиот квартал од 2025 година, бележи пад од -16,4 проценти што укажува на намалена пазарна активност“, стои во извештајот.

Најголем број продадени станови се евидентирани во општина Аеродром (193), додека во Битола се продадени најмногу куќи (54). Во Центар се реализирани најмногу деловни простори, додека во Кочани доминира трговијата со земјоделско земјиште.

Интересно е што кај откупот на недвижности од државата е забележан раст од дури 175 проценти, додека кај новоградбите има остар пад од 32,3%. Во моментов, во Катастарот се запишани над 28.000 листови за предбележување, што значи дека голем број објекти се во фаза на градба и наскоро ќе излезат на пазарот.

Exit mobile version