Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања до лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Според Манасиевски, опозицискиот лидер дејствува под уцена на бугарски политички кругови, ставајќи ги туѓите интереси пред македонските.

„На сите им е јасно дека Филипче е корумпиран политичар, полн со криминали, афери и скандали, но Филипче мора директно да одговори, со што е уценет од група бугарски политичари за да води антимакедонска политика?“, запраша Манасиевски.

Тој посочи дека Филипче е единствениот во државата кој гласно бара исполнување на бугарските барања, наследувајќи ја, како што рече, матрицата на Зоран Заев. Манасиевски го коментираше и рејтингот на лидерот на СДСМ, нарекувајќи го политичар без капацитет за резултати.

„Венко Филипче е политичар кој како претседател на партија има понизок рејтинг од самата партија, од само 3%, и тој истиот се дрзнува да говори за евроинтегративниот процес на државата“, истакна членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Манасиевски додаде дека Филипче веднаш по доаѓањето на новата власт во Бугарија му се ставил на располагање на Румен Радев.

„Директно изјави дека доколку тој биде на власт, секое едно барање на Бугарија, тој за власт секако дека ќе го исполни“, вели Манасиевски, додавајќи дека со ваквите „антидржавни политики“, СДСМ ризикува целосно да исчезне од политичката сцена на следните избори.

Exit mobile version