Силно невреме со поројни дождови, олуен ветер и град го зафати регионот, предизвикувајќи сообраќаен колапс и сериозни материјални штети во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Во Србија најкритично беше на автопатот Ниш-Алексинац. Сообраќајот беше во целосен прекин поради силен град кој го побеле коловозот среде мај, а возачите беа принудени да застанат поради нулта видливост.

Секторот за вонредни ситуации при српското МВР издаде итен апел: „Граѓаните да ги следат упатствата и да ги заштитат своите возила“.

Во Хрватска, олујниот ветер во Загреб корнеше дрвја и носеше покриви. Директоратот за цивилна заштита прими над 250 повици, а едно лице е полесно повредено. Јавниот превоз во Загреб беше во прекин поради оштетени електрични водови.

Тешка е состојбата и во Босна и Херцеговина, каде поради одрони и паднати дрвја е затворен патниот правец Босанска Крупа – Бихаќ. Во Приједор и Градишка ветерот уништи заштитни конструкции на згради.

Метеоролозите најавуваат остар пад на температурите, а на повисоките планини во Босна попладнево се очекува и појава на снег.

Смирување на времето во целиот регион се предвидува во текот на вечерните часови и утрешниот ден.

Exit mobile version