Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо изјави дека е благодарна за акцијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела, оценувајќи ја како „огромен чекор за човештвото, за слободата“.

Мачадо, која минатата година помина месеци криејќи се поради закани од, како што наведува, авторитарното раководство на земјата, го пофали Трамп за апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

„3 јануари ќе влезе во историјата како ден кога правдата триумфираше над тиранијата“,
изјави синоќа Мачадо за „Фокс њуз“.

Таа оцени дека станува збор за пресвртница која има значење не само за венецуелскиот народ, туку и „за човештвото, за слободата и човечкото достоинство“.

Мачадо му се заблагодари на Доналд Трамп во име на граѓаните на Венецуела, како и на неговата „администрација за нивната цврстина и решителност во почитувањето на законот“.

„Слободата на Венецуела е близу и наскоро ќе славиме на нашата земја“,
рече таа.

Зборувајќи за Мадуро, Мачадо истакна дека тој „апсолутно го контролирал системот и изборниот совет“, додавајќи дека било невозможно да се организираат независни избори во земјата.

„Успеавме да ја обединиме земјата за да ги спроведеме овие избори организирани од граѓанското општество со учество на милиони луѓе. И фактот е дека, кукавички, тој се плашеше од нас, се плашеше од мене. Мадуро мислеше дека со тоа што ќе ме забрани, ќе нè спречи да победиме. Но, се случи токму спротивното. Едмундо Гонзалез Урутија застана на мое место, и се движевме низ целата земја и успеавме да ја обединиме земјата и да го победиме Мадуро со убедлива победа“,
рече Мачадо.

Exit mobile version