Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, денеска излезе со барање Јавното обвинителство да го истражи ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за изградбата на Коридорите 8 и 10д.
Според ревизорскиот извештај, за проектот во должина од 108 километри и проценета вредност од 1,3 милијарди евра, заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоците се однесувале на фактичка градба, што забележува сериозно отстапување од планираната динамика.
Велјановски посочи дека ревизорите констатирале и слабости во управувањето со капиталните инвестиции, како и плаќање на милионски провизии за неповлечени средства.
„Како се управувало со проект вреден над 1,3 милијарди евра, ако до крајот на 2023 година само 0,12% од трошоците биле за градба? Каде и за што се трошеле парите? Зошто се доцнело со реализацијата? Кој бил задолжен да ја контролира динамиката и трошењето на средствата? И зошто државата плаќала милионски провизии додека средствата останувале неповлечени, а проектите доцнеле?“, праша Велјановски.
Тој додаде дека денеска има видлив напредок на терен на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, посочувајќи дека на Гостивар–Букојчани напредокот изнесува речиси 60 проценти.
Сепак, според пратеникот, сегашната изградба не ја Брише претходната одговорност.
„Затоа бараме Јавното обвинителство да реагира и да го истражи ревизорскиот извештај на ДЗР. Да ги испита до договорот, исплатите, провизиите и динамиката на реализација, и да утврди кој носел одлуки и кој бил одговорен за управувањето и контролата на проектот“, нагласи Велјановски.


