Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата дека прославата за 35 години независност била организирана со народни пари и дека станува збор за, како што рече, „голема проневера“.
Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ја излажал јавноста со тврдењето дека за прославата не бил потрошен ниту еден денар од Буџетот.
„Лагите не можат да се кријат предолго. Може да лажете за да дојдете на власт, може на почетокот на мандатот да лажете за да останете на власт, но тоа не може да го правите вечно“, рече Филипче.
Тој се повика на одлука од 167. седница на Владата, со која, според него, Државна лотарија, акционерско друштво во целосна државна сопственост, била задолжена да ја организира прославата.
„Парите со кои располага тоа претпријатие се пари на граѓаните, не на приватни компании и не на некакви донатори“, изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ тврди дека за организацијата на прославата биле предвидени пет милиони евра и праша зошто премиерот тврдел дека не се потрошени народни пари.
„Зошто беше потребно премиерот да лаже и да кажува дека не се потрошени ниту еден денар народни пари за оваа прослава?“, порача Филипче.


