Секој ден на виделина излегува по некоја нова лага на премиерот Христијан Мицкоски. Иако тврдеше дека за прославата на независноста не е потрошен ниту еден денар од граѓаните, документите покажуваат дека таа чини пет милиони евра народни пари, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

„Мицкоски изјави дека за оваа прослава не бил потрошен ниту еден денар народни пари. Но, од 167. седница на Владата излезе на виделина дека АД Државна лотарија, која е стопроцентно во сопственост на државата, треба да ја организира прославата со пет милиони евра народни пари, пари на граѓаните“, рече Филипче.
Тој нагласи дека средствата со кои располага Државната лотарија не се приватни пари или донации, туку пари што им припаѓаат на граѓаните.
„Зошто беше потребно премиерот да лаже и да кажува дека не е потрошен ниту еден денар народни пари за оваа прослава? Може да лажете за да дојдете на власт, може да лажете на почетокот од мандатот за да останете на власт, но тоа не можете да го правите вечно. Граѓаните знаат, свесни се, не се наивни и ги трпат последиците од лошите политики на оваа власт“, истакна Филипче.
Дополнителен сомнеж отвора нетранспарентната постапка преку која е избрана компанијата што го организирала настанот, рече претседателот на СДСМ.
„Ниту знаеме кој одлучувал за пет милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми набавката ѝ е доделена на компанијата што го организирала настанот. Само неколку месеци претходно истата компанија добила пари од Државната лотарија и за други активности, а никој не знае за кои и какви. Може ли некој да каже дека нема сомнеж во оваа работа?“, праша Филипче.
Наместо за ексклузивна прослава, овие пари можеле да бидат наменети за реалните потреби на граѓаните – за земјоделците, здравството, образованието, социјално загрозените семејства, пензиите и минималната плата.
„Зошто дивидендата од Државната лотарија не се намени за исплата и зголемување на субвенциите на земјоделците, за лековите што недостасуваат, за подобрување на инфраструктурата во училиштата или за зголемување на социјалната помош? Зошто овие пари не се наменија за пакет мерки за загрозените категории граѓани, кои мака мачат и не можат да врзат крај со крај? Зошто барем дел од парите не се наменија за зголемување на пензиите и минималната плата?“, рече Филипче.
Филипче побара Владата веднаш да ги објави записникот од 167. седница, целата документација за постапката и поединечните исплати на сите учесници во прославата.
„Се знае само вкупната сума од пет милиони евра, но не се знае кој и колку пари зел. Бараме тоа да се каже јавно и гласно. Владата мора да работи транспарентно, да го објави записникот од 167. седница и да каже кој колку пари добил од овој спектакл со народни пари, додека граѓаните гладуваат“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.