Вечерва кога ќе легнете свртете ја главата на исток - утре славиме голем празник, Света Петка

Утре е голем православен празник, се слави Св. Петка, кај народот познат како Петковден.

Преподобна мајка и чудотворка Параскева

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.

Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27/14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.

Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули/8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани и дека и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви кон Бога. Рано се замонашила а подоцна како и многумина други настрадала за верата Христова за време на царувањето на Антонин. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, но кога била фрлена во котел со врело масло и катран таа останалаа неповредена, а од течноста му прснало во очите на императорот по што ослепел. Параскева се помолила на Бога и тој оздравел. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале со нејзино посредство, многумина ја примиле христијанската вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите и биле пренесени во Цариград. На иконите света Петка Римјанка во рацете држи чинија во која има очи.

Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл. При големите прогони на христијаните што се случиле во времето на Диоклецијан настрадала и таа. Била фатена во 303 година и била предадена на судијата. Тој пак, изненаден од нејзината убавина, и понудил да стане негова невеста и – ветувал богат и раскошен живот. Таа го одбила сето тоа изјавувајќи дека сака да остане верна на својот Бог, Исус Христос.

Поради тоа била мачена, била ставена во оган но останала недопрена од пламените јазици кои ги зафатиле оние што го потсилувале огнот. Гледајќи го тоа судијата наредил да и ја пресечат главата. Следниот ден и судијата загинал што било толкувано како Божја казна за погубувањето на Параскева. Нејзините останки христијаните ги погребале во нејзиниот дом, а над гробот подоцна се случувале разни чуда, пред сè, оздравување на болни од секакви болести. Нејзиниот спомен се слави на 10 ноември/28 октомври.

Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват, во Тракија, меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите и биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.

Народот во некои случаи не ги разликува трите Параскеви – Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури,

Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.

Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово, како што стои во записите на Крсто Бинев. Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување, вели запишувачот, не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври, која селаните ја разликуваат од нивната св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зашто. Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.

Според народните верувања вечерта пред утрешниот празник има посебно значење. После вечерата обично се оди на спиење.

Задолжително треба три пати да се прекрстите, па да изговорите молитва упатена кон оваа светителка.

Главата секогаш во текот на спиењето се врти кон исток. Едната рака се става под глава, а другата се испружува. Секогаш се легнува на десната страна. Каде што има деца, собата треба да се исчади со темјан, за децата да не се плашат во сонот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.10.2020 - 13:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега