Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната прес-конференција упати критики до опозициската СДСМ, обвинувајќи ја партијата за лицемерство и свесно забавување на реформскиот процес во Собранието.

Според неа, постои јасна разлика меѓу јавната реторика на опозицијата за европските вредности и нивните конкретни дејствија во законодавниот дом.

„Наместо да придонесат кон усвојување на законските решенија што се дел од реформската агенда и европскиот напредок, СДС избира политички блокади и активности со кои ја нарушува сликата за сопствената држава пред меѓународната јавност. Лицемерно е што СДС седум години имаше можност да ги спроведе клучните реформи, за денес да се однесува као тие обврски да започнале вчера“, изјави Василевска.

Таа потенцираше дека опозицијата одбива да учествува во работните групи и не ги гласа клучните законски решенија. Како конкретен пример, пратеничката посочи неколку правни акти кои не ја добиле поддршката од левицата.

„Пратениците на СДС не го поддржаа Законот за енергетика, Законот за Судски совет, Законот за административните службеници, ниту еден закон од областа на образованието, не го гласаа ниту Законот за електронски комуникации, како ни пакетот закони за дигитализација. Не гласаа ништо“, подвлече таа.

За разлика од овие опструкции, Василевска истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бележи континуитет во исполнувањето на обврските од Планот за раст на Европската Унија, што започна со донесувањето на седум клучни закони во 2024 година, а продолжи со интензивно темпо и во 2025 година.

Таа заклучи дека партиските пресметки нема да го сопрат напредокот и упати повик до опозицијата да ги надмине дневнополитичките калкулации, најавувајќи дека Македонија и оваа година ќе биде лидер во регионот според динамиката на реформите.

Exit mobile version