Фудбалерите на Вардар и официјално ја освоија шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига, со што стигнаа до својот 12-ти пехар во клупската историја, а прв по пауза од цели шест години. Најтрофејниот македонски клуб успеа да стави печат на првенствената трка на едно коло пред крајот на шампионатот, стекнувајќи недостижна предност во однос на досегашниот актуелен првак Струга Трим Лум, како и пред второпласираната Шкендија.

За теоретски да ја обезбедат круната во рамките на 32-то коло, на избраниците на шефот на стручниот штаб Гоце Седлоски им беше потребен само еден бод на тешкото гостување кај Струга Трим Лум. Сепак, „црвено-црните“ ги разрешија сите дилеми со стил и ги освоија сите три бода, славејќи минимална, но златна победа од 0:1 на Градскиот стадион во Струга.

Клучниот момент кој го реши натпреварот и ја одлучи шампионската трка се случи уште во самиот почеток на средбата, поточно во петтата минута. По едно невнимание и недоразбирање во одбраната на домаќините меѓу дефанзивецот Рочи и голманот Ангелети, Стефан Цветковиќ одлично се снајде и со прецизен удар донесе водство, кое вардарци со стабилна и организирана игра во одбраната успешно го сочуваа до последниот судиски свиреж.

Со овој голем успех, Вардар си обезбеди и меѓународен излез на големата сцена за следната натпреварувачка сезона. Како нов владетел во домашниот фудбал, најтрофејниот македонски колектив во претстојната сезона ќе ја претставува државата во квалификациите за пласман во групната фаза од најелитното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите.

Exit mobile version