Морничава атмосфера денеска во Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на судењето против Стојанче Јовановски. Додека обвинителката Адела Бојчевиќ ги читала воведните зборови и деталите за тоа како Ивана и нејзината 6-годишна ќерка Катја починале по падот на бетонот од шести кат, обвинетиот Јовановски се смеел и мафтал со главата во знак на негодување.
Сепак, во моментот кога биле опишани смртоносните повреди и прекинот на мозочните функции кај жртвите, тој го покрил лицето со рацете, наведнат на судската клупа.
„Обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата. Ја тепал до онесвестување, ја нарекувал со највулгарни зборови и ѝ се заканувал дека ќе ѝ го одземе детето откако претходно со измама ја натерал да му го препише својот дел од станот како дар“, истакна обвинителката.
Јовановски во судницата делумно призна вина, велејќи дека ги разбира првите две дела (насилството), но не и делото за „наведување на самоубиство“.

