Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа на РТС се осврна на бруталното убиство кое ја потресе Србија, откако кај Инѓија беше пронајдено тело во закопано буре, за кое постојат сомнежи дека е на Александар Нешовиќ Баја.
Според српските медиуми, Нешовиќ бил убиен на 12 мај во ресторанот „27“ на белградски Сењак, а во случајот досега се уапсени десет лица. Меѓу уапсените е и началникот на Полициската управа за град Белград, Веселин Милиќ, кој истиот ден бил разрешен од функцијата.
Обвинителството се сомнева дека токму Милиќ телефонски го повикал Нешовиќ да дојде во ресторанот и му предложил да не носи обезбедување.
По првичниот упад и премислувањето на жртвата, Нешовиќ се вратил по нов повик од Саша Вуковиќ Боске, со кого бил во конфликт, по што Вуковиќ извадил пиштол и испукал повеќе куршуми кон него.
„Ова го направиле монструми. Тоа не се луѓе. Без разлика за кого станува збор, никој не смее да заврши на ваков начин“, изјави Вучиќ.
Тој најави „најжестока можна борба“ против криминалот и корупцијата во полицијата, порачувајќи дека сите кои учествуваат во заштита на криминалци ќе мора да ја напуштат работата затоа што не сакаат „тајкунска полиција која ќе работи приватни работи“.
Според неговите зборови, осомничените се обиделе да ги доведат истражителите во заблуда, тврдејќи дека телото е фрлено во Сава, додека всушност било закопано кај Инѓија.
„Специјалците пронајдоа траги од запалено дрво и материјал. Бурето било пресечено на половина, телото згрчено и запалено, а потоа сè било бетонирано во некаква гаража“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека осомничените по злосторството се вратиле во кафуле и пиеле пијалак, нагласувајќи: „Можете да замислите со какви монструми имаме работа“.
Вучиќ изјави и дека е незадоволен од состојбата во делови од безбедносниот систем.
„97 проценти од полицајците се чесни луѓе, но поради тие три проценти валкани полицајци, кои сите ги знаат, повеќе нема да можат да ја работат таа работа“, порача тој.
На крајот, Вучиќ оцени дека Србија и понатаму е една од најбезбедните земји во Европа, но призна дека проблемот често се наоѓа во раководните структури, завршувајќи со зборовите: „Сакам уредена држава во која вакви работи никогаш повеќе нема да се случуваат“.


