На територијата на државата заклучно до 07:30 часот утрово се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои два се активни, пет се ставени под контрола, а 24 се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите од ЦУК, активни се пожарите во општина Ѓорче Петров кај селото Грачани, кој е проширен и на територијата на Косово, како и во општина Македонски Брод, кај селото Белица во месноста Кајорец, каде што гори нискостеблеста деградирана и мешана шума.

Под контрола се ставени пет пожари. Станува збор за пожарот на нискостеблеста шума во општина Струга (селата Буринец, Локов и Селци), пожарот кај селото Копаница во општина Сарај, како и во општина Чучер-Сандево кај селото Брест во месноста Рамно. Под контрола се и локализираните пожари на градските депонии во Кратово и Делчево.

Од ЦУК информираат дека во изминатото деноноќие се целосно изгаснати 24 пожари во повеќе општини низ земјава.

Изгаснати се пожарите во селата Копаница и Горна Арнакија во општина Сарај, во ул. 516 во Стара Комуна во Гази Баба, депонијата во Грушино во Арачиново, како и мешаната шума кај селото Барово во Сопиште. Изгаснати се и пожарите кај Тепавци во Новаци, во Битола, кај Моноспитово и Бориево во Струмица, како и во селата Дамјан и Подареш во Радовиш.

Пожарникарите целосно ги ликвидираа и пожарите во Фурка (Дојран), Октиси (Струга), Преглово (Македонски Брод), Кочилари и Бекирлија (Градско и Лозово), Водоврати (Градско), Виница, Кочани, населба Карпош во Куманово, Оризаре во Липково, Глоѓе и Нераште во Теарце, Палатица во Желино, Чајле во Гостивар, како и на планината Бистра во општина Маврово и Ростуше.

Exit mobile version