Уставен суд поведе постапка за членови во Законот за заштита од ескплозивни материи

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценување на уставноста во делот: „член 30“ од член 31, делот: „Министерство за стопанство“ од член 59 и член 72 ставови 1 и 2 од Законот за експлозивни материи и ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на делот: „20, 55“ од член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експлозивни материи, поднесена од Игорче Точев од Кочани.

Со иницијативата се оспоруваат делови од членови во Законот за заштита од ескплозивни материи, кои според подносителот се спротивни со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Наведените членови подносителот ги оспорил како неправилно направени измени и надополнувања на оспорените одредби кои доведуваат до правна несигурност и забуна во примена на одредбите.

Иницијативата поднесена на член 30, став 2, точка 9 од Законот за енергетика, на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот од Скопје, Стојанче Геровски, денеска не го доби потребното мнозинство гласови и предметот ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.

Во иницијативата се наведува дека мешањето во приватниот живот на граѓаните не е во согласност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Ограничувањето на сопственоста според подносителот треба да подлежи на начелата на правна сигурност или законитост а правната рамнотежа нема да се постигне доколку на граѓанинот му се наметнува да трпи поединечен и поголем товар. Подносителот упатува на членот 1 од Протоколот број 1 од Европската Конвенција за човекови права според кој лишувањето на сопственоста морало да подлежи на условите предвидени со закон. Според наводите во иницијативата Република Северна Македонија е последна земја во регионот во која е дозволено исклучување на домаќинствата и од системот на напојување со електрична енергија.

Предметот во врска со иницицијативата поднесена на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, поднесена од претседателот на Светски македонски конгрес, Тодор Петров, е повлечен од дневен ред заради дополнително утврдување на фактичката состојба на прописот поврзано со неговата важност.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби од Одлуката се погрешни, неприфатливи и неприменливи, антиуставни, незаконски и недемократски па дури се неиздржани од медицински и епидемиолошки аспект. Во иницијативата се наведува дека Владата врши забрана за влез во секаков вид на објект без поседување и приложување на сертификат/потврда пред редарска служба за најмалку прва доза за извршена имунизација од корона вирусот, при што сертификатот/потврдата е невалиден документ без лична карта или пасош, а заради утврдување на идентитетот на граѓанинот кој го приложува истото. 

04.05.2022 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега