Уште пет државни Универзитети бараат зголемување на платите како на УКИМ

Откако беше одлучено да се зголемат платите на вработените на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), петте останати јавни универзитети сметаат дека се дискриминирани и побараа еднаков третман од државата.

Денеска во реакцијата потпишана од синдикатите на штипскиот универзитет – „Гоце Делчев“, ДУТ – Тетово, „Мајка Тереза“ – Скопје, битолскиот „Климент Охридски“, „Апостол Павле“ од Охрид се вели дека поради распишаните избори неоправдано и не по нивна вина не се потпишани Колективните договори со основачот – Собранието на С. Македонија.

– Од тие причини Бараме најдоцна до 08.03.2024 година да се заврши постапката и да се пристапи кон потпишување на Колективен договор со секој универзитет поединечно. Истовремено, укажуваме дека со непотпишувањето на Колективните договори вработените од другите јавни универзитети се ставаат во нерамноправна положба по однос на правата, особено во делот на платите и надоместоците. Заради што сметаме дека неоправдано сме дискриминирани – стои во реакцијата.

Петте универзитети ја повика Комисијата за спречување и заштита од дискриминација активно да се вклучи во решавање на овој проблем, бидејќи на овој начин се кршат основните темелни вредности и уставното начело на еднаквост и недискриминација на граѓаните.

Синдикатите бараат и прием кај техничкиот премиер – Талат Џафери.

28.02.2024 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа