Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските единици во близина на Покровск се опколени и дека нивната позиција брзо се влошува додека руските сили напредуваат кон градот.

„Украинските војници се заробени, а нивната состојба се влошува. Единствена опција за спас е доброволно предавање,“ се наведува во соопштението на министерството.

Русија се обидува да го освои Покровск – град познат како „портата кон Доњецк“ – уште од 2024 година, во рамки на поширокиот план за целосно освојување на регионот Донбас. Украина сè уште контролира околу 10% од територијата на регионот, односно приближно 5.000 квадратни километри.

За разлика од претходните фронтални напади, руските сили сега дејствуваат од повеќе насоки со цел речиси целосно опколување на украинските позиции. Според воени анализи, помали и мобилни руски единици, потпомогнати од беспилотни летала, ги нарушиле украинските линии на снабдување и предизвикале хаос во заднината.

Картите на фронтот покажуваат дека руските трупи се на само неколку километри од целосно опкружување на Покровск и дека контролираат значителен дел од Купјанск, каде што напредуваат по главниот пат кон градот.

Украинскиот Генералштаб, пак, не ги потврдува овие информации. Киев тврди дека во Покровск во тек е специјална операција за спротивставување на руските напади.

„Специјалната единица Тимур на Украинската служба за одбрана и разузнавање продолжува со операцијата во една од зоните на Покровск, кој е од стратешко значење за логистиката на фронтот. Во тек се жестоки борби против руските окупаторски сили,“ соопштија украинските власти.

Повеќе од четири години по почетокот на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, Русија продолжува со обидите да го заземе целиот Донбас и напредува кон регионите Харков и Дњепропетровск во источна Украина.

Покровск, како патен и железнички центар во регионот Донецк, претставува клучна точка за снабдување на украинската армија. Доколку Москва го освои, ќе добие стратешка предност за понатамошни офанзиви во источниот дел на земјата.

Exit mobile version