Убиство, прегазени жена и дете, заложничка драма, пукање - Хорор ден во Македонија

 

По големата трагедија во Кочани кога во пожар во дискотеката "Пулс" починаа 59 лица, а околу 200 се повредени, што е еден од најтрагичните настани во поновата историја на Македонија, вчера Македонија имаше уште еден хорор ден.

Уште од рано наутро пукотници го потресоа Скопје. Околу 9 часот било пријавено дека во селото Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје. Кираџија со неколку истрели го убил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и малолетниот син на сопственикот. Убиецот се забарикадирал во една од собите, не дозволувајќи ѝ на полицијата да пристапи, а потоа си пукал и се самоубил.

По овој крвав настан, уште еден инцидент ја потресе македонската јавност. Имено, пукање вчера имаше и во Прилеп. Вработена во прилепскиот Центар за социјални работи била ранета од огнено оружје нешто пред 14 часот, во просториите на Центарот и веднаш била пренесена во болница. Од службата за итна помош биле повикани во Центарот да укажат помош во 13:55 часот. Според началникот на Итната помош, Боше Милошески, 38-годишната социјална работничка има прострелна рана од куршум во стомакот.

За жал ова не беше последната вест од црна хроника. На булеварот Партизански одреди во Тафталиџе 2, на потегот меѓу мостот Обединети нации и Сити мол, во текот на вчерашниот ден се случи страшна сообраќајна несреќа кога беа прегазени жена и дете на пешачки премин. Според информации добиени од очевидци, инцидентот се случил кога возачот изгубил контрола и ги удрил пешаците кои се движеле на преминот пренесе Канал5.

Жената била однесена со автомобил во тешка состојба, додека детето, кое исто така било сериозно повредено, лежело на тревникот до патот. Очевидците веднаш повикале итна помош. Според првичните информации, детето имало повреда на рбетот и поради сериозноста на повредата, било веднаш пренесено на понатамошно лекување.

Попладнето се случила вистинска драма во скопско Студеничани. Мигранти преку електронска порака на маил побарале помош од ОЈО бидејќи биле држени во подрумски простории од страна на криминална група со закани со оружје. Полицијата во подрум на куќа пронашла  6 мигранти, а се приведени седум македонски државјани кои во моментот биле во објектот, за кои дополнително ќе се врши проверка за нивната инволвираност во криминалните активности. 

Исто така, цистерна вчера вечер излета од коловозот на патниот правец Ростуше - Дебар. За несреќата се очекуваат повеќе детали.

25.03.2025 - 08:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега