Во Основниот суд Куманово денеска продолжи судењето против Трајче Бојковски од општина Старо Нагоричане, обвинет за четири убиства на жени и два обида за убиство. На главната расправа беше сослушан форензичкиот психијатар Стојан Бајрактаров, а обвинетиот даде спротивставени изјави во однос на претходните признанија пред истражните органи.
Вештакот потврди дека кај Бојковски не е утврдена душевна болест и дека тој е пресметлив, отфрлајќи ја потребата од ангажирање на стручни лица за комуникација. За време на испитувањето, обвинетиот менуваше искази, па иако инсистираше дека убил три жени, за дел од жртвите негираше вмешаност или тврдеше дека отишол поради пари.
Обвинителот Љубомир Лапе го соочи со претходните признанија од истрагата, нагласувајќи дека ваквиот начин на одбрана претставува обид за олеснување на неговата судска положба.
„На моите вкрстени прашања одговори потврдно, но анализа на ваквата одбрана ќе дадам во завршните зборови, со оглед дека кај јавниот обвинител ги призна кривичните дела. Има и други материјални докази со кои се поткрепува обвинението“, рече Лапе.
„Како што слушнавте од вештото лице-психијатар, во својот вешт наод и мислење, сметаат дека обвинетиот делува во насока да си ја олесни положбата“, додаде тој.
По сослушувањето, судот ја заклучи доказната постапка, а завршните зборови се закажани за 6 октомври.


