Деветнаесетгодишниот македонски државјанин Андреј Танасковски, кој се бараше со меѓународна потерница од Интерпол за обид за убиство, е уапсен во Никшиќ во акција на црногорската полиција. Осомничениот се товари за крвавиот напад што се случи летото 2025 година во елитен хотелски комплекс во Будва.

Специјалците од Регионалниот центар за безбедност „Запад“ и Секторот за борба против криминалот го лоцирале и спречиле понатамошното бегство на Танасковски, кој се криел во изнајмена куќа во приградска населба.

Паралелно со него, полициските лисици му биле ставени и на 34-годишен жител на Никшиќ, кој му давал логистичка поддршка и му помагал на македонскиот државјанин да се крие од истражните органи.

Танасковски, според пишувањата на тамошните медиуми, но и официјалните информации од црногорската полиција, е главен осомничен за пресметката на базенот во Будва:

Танасковски е осомничен дека на 7 август 2025 година, во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Будва, со огнено оружје пукал кон Марко Љубиша, познат како Кан, кој се поврзува со спротивставена криминална група. Во нападот биле испукани два куршума, при што Љубиша се здобил со повреди во пределот на главата.

Го следел Кан до базенот, користел фалсификувана српска лична карта

Истрагата открива дека 19-годишниот Македонец детално го планирал нападот и со денови го следел Марко Љубиша во хотелот. Осомничениот му пришол од зад грб додека метата се наоѓала покрај базенот, отворил оган и веднаш побегнал од местото.

Покрај обидот за убиство, против Танасковски се води постапка и за недозволено држење и носење оружје и експлозивни материи, како и за фалсификување исправа. Според истрагата, тој користел фалсификувана лична карта на име на државјанин на Србија, со која престојувал во хотел додека ги подготвувал криминалните активности.

Нападнатиот се поврзува со „шкаљарскиот клан“

Марко Љубиша – Кан во црногорските медиуми и полициски билтени важи за безбедносно интересно лице со долго досие, кое безбедносните служби го поврзуваат со озлогласениот „шкаљарски клан“, иако тој во своите јавни настапи повеќепати ги демантираше таквите врски.

Exit mobile version