Турција го преиспитува своето воено присуство и ја подигнува нивото на готовност во Северен Кипар поради растечките тензии во регионот.
Ова го соопшти турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер во писмен одговор на пратеничко прашање, пренесува кипарското издание „Сајпрес мејл“.
Според Ѓулер, Анкара внимателно ги следи сите случувања на островот и презема чекори за прилагодување на своите одбранбени капацитети.
„Водејќи сметка да се зачува чувствителната рамнотежа на островот, ја ажурираме нашата воена готовност насочена кон гарантирање на безбедноста“, навел тој, додавајќи дека мерките се однесуваат и на Турција и на Северен Кипар.
Изјавата на турскиот министер доаѓа во време на промени во безбедносната архитектура на НАТО и интензивирана соработка меѓу САД, Израел, Грција и Република Кипар.
Ѓулер посочи дека Анкара со посебно внимание ги следи „активностите на Израел“ во Република Кипар и ги проценува нивните ефекти врз регионалната стабилност.
Тој нагласи дека Турција продолжува да спроведува „неопходни воени и политички мерки“ со цел неутрализирање на сите потенцијални закани.
Инаку, Кипар во изминатиот период го зајакна одбранбеното партнерство со Грција, Израел, Франција и САД преку заеднички вежби и договори, што за Турција претставува чекор кој го менува статус квото во Источното Средоземје.
Иако Ѓулер не откри конкретни детали за евентуално распоредување дополнителни сили, се проценува дека во Северен Кипар веќе стационирани околу 35.000 турски војници.


