Тројца поранешни команданти на ОВК се однесени во Хаг
Во тек е судењето на поранешните лидери на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими, а обвинети се за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Еден од поранешните команданти на ОВК, Исни Киљај, поранешен шеф на косовската разузнавачка агенција и поранешен советник на Хашим Тачи, Башким Смакај и поранешен член на ОВК Фадил Фазлиу, кои вчера по налог на Специјалниот суд во Хаг беа уапсени поради сомнение дека го попречувале спроведувањето на правдата, се префрлени во Хаг, јавуваат медиумите во Приштина.
Тие од вчера биле во канцелариите на ЕУЛЕКС во Косово Поле.
Специјализираното обвинителство вчера соопшти дека континуирано спроведува дејствија поврзани со истражниот процес кој се фокусира на кривични дела против судството.
Киљај е уапсен во ноември минатата година под сомнение за попречување на правдата, а во мај беше ослободен со кауција од 30.000 евра, но се уште е осомничен и во јули Специјалното обвинителство поднесе дополнето обвинение против него.
Минатата година по наредба на Специјалниот суд е извршен претрес во куќата на Смакај, кој беше советник на Хашим Тачи додека беше претседател на Косово, а на кого во Хаг му се суди како еден од поранешните водачи на ОВК под обвинение за воени злосторства.
Косовските медиуми објавија дека вчера истражителите на Специјализираните совети извршиле претрес во куќата на поранешниот министер за правда, Хајредин Кучи, барајќи докази кои би можеле да им помогнат во истрагите поврзани со заплашување сведоци или откривање на информации за заштитените сведоци.
Во тек е судењето на поранешните лидери на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими, а обвинети се за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа