Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, при денешната посета на струмичкиот регион информираше за текот на откупот на една од клучните градинарски култури во овој период. Според официјалните податоци, од почетокот на годината досега се откупени околу 35 милиони килограми зелка.
„Ако се фокусираме само на новата реколта на пролетна млада зелка, од крајот на февруари до вчера се откупени околу 30.000 тони. Динамиката е во согласност со предвидениот тек на бербата и откупот се одвива без застој“, изјави Трипуновски. Тој потенцираше дека моменталната откупна цена е задоволителна за производителите, а државата преку Инспекторатот ќе гарантира фер услови на пазарот.

