„Собранието е пред носење на важна одлука, но најголемата опасност не лежи во биографијата на кандидатот, туку во намерата на власта да го претвори обвинителството во продолжена рака на политиката“, рече потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска , на собраниската седница по предлог кандидатурата на Ненад Савевски за државен јавен обвинител и новиот предлог-закон за јавно обвинителство.
„Иако кандидатот, Савевски, не е присутен во Собранието, сигурно ја следи седницата, и затоа јавно го прашуваме дали ќе го искористи член 36 од предлог-законот за да ги казни со ниски оцени сите негови колеги кои ќе одбијат да ги затворат истрагите за Пирамид Билдинг и за стратешкиот тендер од еден „запирка“ 74 милиони евра, посочи Тренчевска.
Во контекст на овие ризици, Тренчевска јавно постави прашања до кандидатот повикувајќи го да постапи:
1. Дали ќе се спротивстави на рамките што го прават зависен од политиката и ќе покаже дека правдата е над партиските интереси?
2. Дали неговата програма за работа предвидува ревизија на сите тендери доделени во општините под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, или наместо тоа ќе биде стечаен управник на партиски интереси?
3. Дали ќе поднесе оставка доколку Владата се обиде да го спречи истражување на криминалот на актуелната власт, со што ќе покаже дека ќе го чува интегритетот на институцијата?
„Не зборуваме против личноста, туку против системот што се гради за да се контролираат луѓето и да се потисне правдата. Секое идно сомнително постапување ќе се смета за директно исполнување на долгот кон партијата што го избрала кандидатот“, заклучи Тренчевска .
СДСМ нема да гласа, ниту ЗА ниту ПРОТИВ.
„Нема да гласаме против, затоа што тоа би било протолкувано од Владата како опструкција на европската агенда. Европската агенда за нас е исклучително важна, за разлика од вас кои ја ставате на маргините. Реформата е потребна, но извршителот е компромитиран, т.е. предлагачот е толку компромитиран што е инфицирана и биографијата на Савевски.“ рече Тренчевска.
Тренчевска истакна дека, иако Савевски има години искуство во правосудниот систем и познавање на процедурите, тоа не ја исклучува загриженоста за политичката контрола.
„Буџетот на обвинителството е поставен како финансиска уцена. Доколку државниот обвинител побара повеќе средства, Владата има конечниот збор, што овозможува директно уценување доколку се отворат истраги против високите функционери на актуелната власт“, посочи Тренчевска , додавајќи дека овој механизам го става обвинителството во позиција на зависност.
Таа се осврна и на преземањето на предмети и можноста за блокирање на истраги. „Според член 3, 30 и 36 од новиот предлог-закон, државниот обвинител може да презема предмети од кој било обвинител под изговор на нестручност, што создава можност едно лице да ги блокира сите истраги, вклучително за аферите 161 тендер и Пирамид Билдинг, поврзани со власта“, нагласи Тренчевска , со што дополнително ја потенцираше опасноста од политичко влијание.
Оваа загриженост се продлабочува и тоа не е реформа, тоа е ризик, нагласувајќи дека на хартија се предлагаат европски процедури и реформи, но во пракса се инсталираат механизми за хиерархиска контрола и се обезбедува правен штит за актуелните тендерски скандали.
Тренчевска предупреди дека државата ризикува да стане место каде законот важи само за опозицијата, додека функционерите на власта остануваат заштитени, што создава дополнителни загрижености за рамнотежата и довербата во правосудството.


